Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета на површина изгледа како закон кој има намера да ги олесни последиците од овие дела. Но, на начинот на кој што е напишан тој опфаќа многу повеќе од тоа и неговото донесување во таква форма може да ја загрози слободата на интернет.

Членот 11 од предлог-законот може значително да влијае на содржините што корисниците ги објавуваат на интернет, како и на компаниите чии деловни модели вклучуваат објавување на содржини на интернет, и како последица да предизвика цензура.

Македонските страници на кои што блогирате, коментирате, објавувате фотографии или видеа може да престанат да функционираат како до сега, а до странските може да биде ограничен пристапот.

Што значи ова со други зборови?

1. Повеќе нема да можеш да коментираш на страни, форуми, facebook, twitter без страв дека ќе бидеш осуден на огромна парична казна.
2. Ако имаш твоја страна, ќе треба да ги исклучиш коментарите или да набљудуваш и цензурираш 24 часа во денот.
3. Твојот веб сајт лесно ќе може да биде исклучен секогаш кога некој ќе се пожали кон интернет провајдерот, без судски налог.
4. Твојот (интернет провајдер) или било кој центар на моќ, ќе одлучува кои страници ќе ти бидат достапни исто како во Иран, Кина, Саудиска Арабија, Северна Кореја.
5. Како интернет провајдер секогаш можеш да бидеш тужен за содржината што ја објавуваат твоите корисници. Казната е 27.000 евра.

Член 16 од Уставот на Р. Македонија експлицитно ја забранува цензурата и ја гарантира слободата на говорот, слободниот пристап до информации и нивен пренос. Да се избориме за овие вредности. Да го сопреме предлог-законот пред да биде предоцна.

Што можам да направам?

1. Пишете им на прaтениците во собранието на РМ. Побарајте од нив да гласаат против законот.

2. Приклучете ја Вашата страна во акцијата за затемнување на македонскиот Интернет со додавање на едноставната скрипта. Второто читање на законот е во вторник на 09.10.2012 година, поставете го кодот на Вашата страна во 00.00 часот истиот ден.

Додадете го следниот HTML код на вашата страна (било каде во <head> или <body>):

<script type="text/javascript">
    blackout_serious = true;
</script>
<script type="text/javascript" 
    src="//skopjehacklab.github.com/blackout-mk/blackout-mk.js">
</script>
    

Скриптата автоматски ке го активира затемнувањето на 09.10.2012

Документација за додатни опции има во README.md

Повеќе прочитај овде: Новиот закон за навреда и клевета (статија)